Заклучоци од првата виртуелна меѓународна конференција „Економски предизвици на државите на ЈИЕ после пандемијата на корона вирусот“

Screenshot (174)

На 27.04.2020 година се одржа првата виртуелна меѓународна конференција „Економски предизвици на државите на ЈИЕ после пандемијата на корона вирусот“ чијшто организатор беше Факултетот за менаџмент Херцег Нови, а Факултетот за бизнис економија и Институтот за бизнис економија, меѓу другите, беа коорганизатори.

Професорите од универзитети од четири држави на ЈИЕ, Република Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, како панелисти на виртуелната конференција, преку излагање и дискусија имаа можност да ги изнесат сопствените ставови во однос на следниве аспекти:

  1. Дали реакцијата на централната и локалната власт на државите на ЈИЕ била навремена со конкретни економски мерки на поддршка на економијата?
  2. Дали преземените мерки би биле доволни за закрепнување на државите на ЈИЕ?
  3. До кој степен наведената пандемија се очекува да влијае на економиите на ЈИЕ во целина?
  4. Предлог оперативни мерки за поддршка за излез од кризата и мерки за економско закрепнување?

Заклучоците од конференцијата се однесуваа на рецесионата криза предизвикана од пандемијата на Корона вирусот, која веќе го доби името The Great Lockdown (Големото заклучување) и последиците кои истата ќе ги направи на светската економија. Мерките со кои излегоа Владите на земјите учеснички на оваа виртуелна конференција мораат да се спроведуваат брзо и во консултација со широките кругови на експерти, како што се стопански комори, асоцијации на менаџери, високообразовни институции и сл. Наведените мерки посебно треба да бидат насочени кон микро, мали и средни бизниси кои се најмногу погодени од кризата. Учесниците на конференцијата констатираа дека е потребно да се зачува вработеноста, со која се стимулира побарувачката и се чува стандардот и квалитетот на животот на граѓаните.

Професорката д-р Адријана Булевска Зариќ од Институтот за бизнис економија,  даде осврт на мерките за подршка на економиите кои се имплементираат во моментов во државите на ЈИЕ, како и моделите на кои се базирани истите. Таа истакна дека “Oвие мерки со оглед на се што досега знаеме за пандемијата би можеле да го постигнат ефектот – ублажување на потресот на економијата. Но мора да се има предвид дека објективноста и транспарентноста со која истите се спроведуваат е од огромна важност, за да ја постигнат својата цел. Воедно, факт е дека сме сеуште во неизвесна ситуација и здравствено, како и економски, и потребно е флексибилно и адаптибилно да се креираат нови мерки за поддршка како одговор на понатамошниот развој на пандемијата.”

Професорката од Факултетот за бизнис економија, д-р Аземина Машовиќ нагласи дека „во ситуација кога се соочуваме со криза која сосема се разликува од сите економски кризи досега, криза која е генерирана од неекономски фактор, која во исто време е детерминирана и од страната на понудата и од страната на побарувачката, при што не се знае точно уште колку ќе трае и кога точно ќе заврши, тешко е да се донесат економски мерки кои се ефективни, а во исто време ги задоволуваат барањата на сите засегнати страни. Добро би било секоја од земјите на ЈИЕ да развие одредени сценарија во однос на времетраењето на кризата и врз основа на нив да донесе соодветни економски мерки, бидејќи големината и долгорочноста на негативните ефекти од настанатата криза, како и ефикасноста на преземените економски мерки, пред се зависи од сценариото што ќе се реализира во однос на времетраењето на кризата“.

 

Follow by Email
Facebook
Instagram